Услови на поддршка | Login Systems
top of page
Услови на поддршка при користење на сметководствен софтвер и ERP систем
Лого Логин Системи

Услови на поддршка

при користење на сметководствен софтвер и ERP систем

Ако превентивната бесплатна поддршка не е доволна за решавање на одредени проблеми во користењето на сметководствениот софтвер или ЕРП системот, Логин Системи нуди техничка поддршка преку месечен договор за поддршка или на принципот од-случај-на-случај.

Разликата помеѓу месечен договор и поддршка од-случај-на-случај е во тоа што со месечен договор има гарантирано време на одзив, а ги имаме вклучено превентивните активности за спречување на одредени проблеми или побрзо решавање на проблемите. 

Договор за ниво на услуги

Логин Системи и корисникот може да потпишат договор за поддршка и одржување во кое се дефинираат нивото на услуги, времето на одзив на барања и обемот на активности (анг. Service Level Agreement или скр. SLA).

За да го олесниме изборот на видот на поддршка, подготвивме пакети на услуги за одржување. Тие се групирани по износ на часови, број на инциденти, време на одзив и опфат на активности. Моменталните цени на пакетите се објавени на страната „Планови за поддршка“

Ограничувања

Неискористеното време и/или инциденти од еден месец не се пренесува во друг месец. Сепак, Логин Системи го задржува правото по своја желба неискористеното време да го пренесе во нареден месец и да го извести Корисникот.


Горенаведените услуги се наменети исклучиво за поддршка и одржување. Тренинг и показни вежби влегуваат во рамката за одржување.

 

Напомена Нови модули, подобрување на функционалности, инсталации на нови компјутери и каси, не влегуваат во месечниот договор за поддршка. 

Законски измени

Во случај на законски измени, не важи договорот за поддршка и одржување. Логин Системи го задржува правото да ги спроведе законските измени без надомест како дел од подобрувањето на функционалноста на ЕРП решението. Ако законските измени се пообемни и има временски ограничувања, Логин Системи може да одлучи да ги наплатува овие измени според цени кои одговараат на обемот на потребната работа за изведување - ваквите случаи се договораат заедно со корисникот на услугата. 

Работно време

Барањата за поддршка може да се примаат во секое време 24x7 во текот на седмицата. Бидејќи работното време на Логин Системи е секој работен ден од 09 до 17 часот, Логин Системи ги решава барањата во работното време. 


Во случај на потреба од поддршка надвор од работното време, износот на часови или број на инциденти се пресметува со коефициент од 1,5, а за празници коефициентот е 1,8. 

Најмало време за мерење на инциденти е 30 минути (половина час). На пример, ако инцидентот се решил за 9 минути, се запишува 30 минути. Ако инцидентот се решил за 35 минути, се запишуваат 60 минути (еден час). 
 

Ако Корисникот го надмине износот на предвидено време за поддршка или бројот на пријавени инциденти, тогаш Логин Системи ќе доставува понуда за секоја дополнителна потреба на Корисникот и ќе бара согласност да ја сработи работата за одржување согласно барањето и понудата. Ако Корисникот не даде согласност во писмена или електронска форма, Логин Системи нема право да фактурира за таквите дополнителни часови. 


Логин Системи ќе прифаќа барања само од овластено одговорно лице од Корисникот. Во случај на спреченост, одговорното лице ќе испрати информација за негова замена заедно со периодот кога ќе го заменува. Сите други барања од неовластени лица ќе бидат игнорирани од Логин Системи и Логин Системи нема да има обврска за одговор согласно овој договор.

Барања за подобрување на функционалности

Барањата за подобрување на функционалности може да се доставуваат до Логин Системи на адресата https://www.loginsystems.biz/forum/premium-erp-users/create-post. Логин Системи ќе ги стави во листа на желби кои може (а и не мора) да ги изработи во некој нареден период. Кога новите функционалности се изработени во време и простор што одговара на Логин Системи, Логин Системи може но не мора да ги достави до Корисникот во рамките на одржувањето односно без надомест.


Барањата поставени на Форумот на Логин Системи, Логин Системи ќе се заложи за бесплатен одговор во некој негарантиран временски рок.  За барања кои се надвор од работното време и за празници, Логин Системи го задржува правото да одговори во првиот слободен термин во работно време.

bottom of page