Логин Системи покренува иницијатива #МојатаРабота

Логин Системи покренува иницијатива под називот #МојатаРабота. Иницијаторот Венко Глигоров вели дека идејата е познати и помалку познати лица да ја претстават накусо својата работа и да споделат бизнис совети во неколку реченици. "Напишаните бизнис приказни ќе ги ставаме на форумот од веб сајтот на Логин Системи како референци."

Овие бизнис совети ќе се споделуваат од време на време на социјалните мрежи Фејсбук, Инстаграм и Твитер. Целта е да се сврти вниманието кон економијата, работата и деловните вредности. Исто така, Логин Системи посакува да се збогати националното бизнис знаење и да се поттикнат многу повеќе млади луѓе да креираат производи, услуги, и да се вклучат во реалната економија во Македонија.

Според Глигоров, бруто-домашниот производ (БДП или анг. GDP) го создаваат луѓето во реалниот бизнис сектор. Тие се јунаците на Македонија.

"Иако е важно да се истакнуваат нашите граѓани што успеваат во светот, сепак стожерот на Македонија се токму нашите стопанственици и професионалци што живеат и работат во Македонија (или вработуваат луѓе во Македонија). Да ги истакнеме бизнисите и личностите кои извезуваат наши производи и услуги на светските пазари." пишува Глигоров.

Во иницијативата има место и за државните службеници кои ја олеснуваат работата на бизнисите и организациите во подобрувањето на македонската економија. Постојат такви службеници од пониските нивои кои заслужуваат да бидат истакнати како примери и да дадат свои совети на нивните колеги од администрацијата.

Покрај изборот на Логин Системи за истакнати стопанственици и професионалци, ќе се остави простор и другите да предлагаат и да пишуваат бизнис совети. Тоа ќе може да се прави на страницата “Сподели ја твојата бизнис приказна”.

"Дали мислите дека е потребно вакво нешто?" прашува на крајот од својот пост, Венко Глигоров.

#МојатаРабота #БизнисСовети

    0