Скопје, 16.06.2018. Денес еден од предводниците на приватната иницијатива за воведување на PayPal во Македонија, Венко Глигоров, објави повеќе информации за статусот на иницијативата. Според него, одреден значаен прогрес е направен.
"Откако преку 1000 различни организации и поединци заеднички доставивме барање до Министерството за Финансии и до Пејпал, постапката за воведување на пејпал во Македонија започна. Една година после тоа, сеуште немаме Пејпал за продажни места во Македонија." пишува Глигоров.
Според него, Paypal како организација е свесна дека Македонија не е на нивната карта на земји кои го подржуваат приемот на пари. И Министерството за финансии, кое експресно реагираше на иницијативата, исто така е свесно и покрена повеќе активности. Се организираа работни средби на сите чинители во банкарскиот, платниот и трговскиот сектор на Македонија.
Министерството и НБРМ работат на нови законски прописи
Најзначајно е тоа што од оваа година во разработка и финиширање се нови законски прописи за унапредување на платниот систем во Македонија - сегмент кој е неопходен за да се создадат услови за воведување на пејпал сервисот. Новата планирана регулатива содржи прописи кои задоволуваат повеќе директиви од ЕУ и современтите платни системи. Со новите законски прописи кои би требало да се достават до Собранието во септември оваа година, ќе се привлече вниманието не само на Пејпал туку и на сите други светски платежни сервиси како Скрил на пример. Платниот систем ќе може да вклучи и организации кои не се финансиски во своето основно делување.
"Откако ќе се усвојат законските прописи, ќе го информираме Пејпал и останатите за овие новини и ќе побараме да се отпочне business case за Македонија. Моја проценка е дека овој процес може да трае до три месеци." истакнува Глигоров. "Идеално би било Пејпал да го имаме во Македонија пред Нова година. Исто така моја проценка е дека процесот ќе оди побрзо ако имаме прием во НАТО и почеток на преговори со ЕУ."
Со новите законски прописи што ќе се воведат овој Септември ќе се овозможи и други платежни провајдери да понудат услуги во Македонија
Пејпал и другите не се ослонуваат директно на тоа одредена земја да има ЕУ и НАТО сојузништво, но секако дека следат дали одредена земја има раздвиженост на пазарот од политички и бизнис аспект - секако бараат и сигурност на нивната инвестиција. Колку и да изгледа чудно, за Пејпал воведувањето на сервис во одредена земја е инвестиција (во превод трошок) и е потребно да го знаат обемот на нивните приходи и расходи во наредни неколку години - пред да донесат одлука.
На крајот како резиме: и двете страни, и државата Македонија и Пејпал е потребно да направат прогрес, секој во својот делокруг за да третата страна, вредните производители и провајдери на услуги во Македонија имаат корист - корист ќе имаат и корисниците на светските пазари бидејќи непречено ќе можат да соработуваат со Македонија.
Пред скоро една година се покрена приватна иницијатива за овозможување на Paypal за трговци и поединци-фриленсери во Македонија.
Paypal е светски платежен сервисен провајдер преку кој може безбедно да се плаќа и да се примаат пари од секаде во светот за производи и услуги. Од 2014та година им се овозможи поединците и фирмите во Македонија да отвораат сметки во Пејпал за да вршат плаќање на трговски производи и услуги од светот. Пејпал не е возможен за примање на пари за производи и услуги на македонските производители, услужни организации и фриленсери.
Повеќе за активностите околу PayPal има на линкот https://www.loginsystems.biz/aktivnosti-paypal.
Венко Глигоров е основач и ко-сопственик на македонската компанија Логин Системи. Од своето основање во 1991ва до денес, Логин Системи е општествено одговорна организација и покрај деловно-комерцијалните активности вклучува активности кои се корисни за економијата и пошироката општествена заедница.
Логин Системи е овластен провајдер на решенија и услуги базирани на Microsoft Dynamics NAV. Повеќе за Логин Системи има на адресата www.loginsystems.biz.