Добра стратегија пропратена со извонредна изведба е гаранција за успех на било која компанија или организација. При креирањето на стратегијата се одлучува „да се прават вистинските работи“ (анг. doing the right things) и самото креирање е одговорност за топ менаџерите и сопствениците.
Изведбатата на стратегијата се однесува на „да се прават работите исправно“ (анг. doing things right) што е обврска и одговорност на сите вработени на сите нивои во организацијата.
Креирањето и изведбата на стратегијата се различни активности кои треба да се надополнуваат. Што е тогаш стратегија?
Дефиниција
Стратегија за прв пат се јавува како војнички поим (од грчкиот збор stratego) кој се користи за да се опише уметноста на војување на генералот. Под стратегија се подразбира планот на генералот за распоредување и маневрирање на неговите сили со цел да се победи војската на непријателот.
По аналогија, во деловниот свет стратегија е план за контролирање и рационално користење на ресурсите (човечки, физички и финансиски) на организацијата со цел да се промовираат и да се заштитат виталните интереси. Професорот од Харвард, Мајкл Портер, ја дефинира стратегијата како една поширока формула за тоа како бизнисот ќе конкурира на пазарот.
Според Брус Хендерсон, основачот на Boston Consulting Group, стратегија е намерна потрага за акциски план кој треба да развие деловна конкурентска предност. Конкурентската предност се стекнува преку различностите во однос на конкуренцијата.
Мајкл Портер ја проширува оваа идеја за различностите и укажува дека конкурентска стратегија е да се избере различна комбинација од активности за да се испорача уникатен микс од вредности (за купувачите). Кусо кажано, стратегија е план кој има за цел да овозможи конкурентска предност на организацијата во споредба со ривалите преку различности (диференцијација).
Стратегија е да се разбере и знае што се работи, што се сака да се биде и тоа што е најважно, фокусирање на тоа како се планира да се стигне до целта. Стратегија е и да се знае што нема да се работи. Звучна стратегија имплементирана со вештини ги одредува целите и насоката што им е потребна на менаџерите и вработените на секое ниво во организацијата за да се дефинира нивната работа и да се направи да биде успешна.
Стратегии (Минцберг)
Според Хенри Минцберг, слика горе, ако ја означиме првата дефиниција за стратегијата како стратегија со тенденција (анг. intended strategy), а втората како реализирана стратегија (анг. realized strategy), тогаш може да се направи разлика што се осмислени стратегии (анг. deliberate strategies) од надоаѓачки стратегии (анг. emergent strategies). Кај осмислената стратегија, намерите кои постоеле претходно се реализираат, а кај појавната (надојдената) стратегија се јавиле некои форми и настани кои ја доразвиле стратегијата - иако претходно не постоеле некакви намери. Дел од стратегијата со тенденција не секогаш се реализира најмногу заради надојдената стратегија и таквиот дел се нарекува нереализирана стратегија (анг. unrealized strategy).
Илустрација на типови на стратегија (Минцберг)
Минцберг во својата книга „Сафари на стратегии“ дефинира 5 типови на стратегии и тоа: (1) стратегија како план, (2) стратегија како појава/форма, (3) стратегија како позиција, (4) стратегија како перспектива, и (5) стратегија на залажување. Според Минцберг, постојат повеќе школи или правци за дефинирање на стратегијата кои ги опишува во книгата „Сафари на стратегии“.
Стратегија и бизнис модел
Доста често се става равенство помеѓу стратегија и бизнис модел што секако не е до крај точно. Иако секоја успешна компанија е изградена на солиден бизнис модел, сепак бизнис моделот не е стратегија. Бизнис моделот опишува системски како деловите од бизнисот се поврзани меѓу себе за да носат профит. Сепак, бизнис моделот не ја зема во предвид критичната димензија за перформансите, а тоа е конкуренцијата. Конкуренцијата е работа на стратегијата.
За разлика од стратегијата која овозможува диференцијација и конкурентска предност, бизнис моделот објаснува за економиката на тоа како бизнисот работи и прави пари.
Стратешки процес
Создавањето на стратегијата и неговата имплементација треба да се земат како еден процес во кој еден сет од активности ги трансформира влезовите во излези.
Создавањето на стратегијата тргнува од мисијата на организацијата која ја одредува целта за која постои за своите сопственици и купувачи (за мисија види тука). Врз основа на мисијата, врвните менаџери на организацијата поставуваат мерливи цели за остварување на визијата на организацијата (за стратегија види тука).
Самото создавање на страгегијата се прави со претходна длабинска анализа на внатрешната и надворешната средина кои влијаат на работењето на организацијата.
Стратешки процес
Од овие анализи, од менаџментот имаат можност да ги извлечат најважните приоритети за кои организацијата треба да ги адресира за да биде успешна на подолг рок. За секој приоритет, од деловните единици и тимовите се бара да да креираат акциски планови. Со креирањето на акциските планови се прочистуваат и стратешките цели и насоката на движење на организацијата (за стратешка дестинација види тука).
Вклучувањето на оперативните тимови во стратешкото планирање е добра пракса за успешно изведување на страгегијата. Всушност, тимовите се тие кои поседуваат лидерство, луѓе и вештини за изведбата на стратегијата.
При креирањето на стратегијата се прават стратешки одлуки кои се појавуваат при процесот на анализата на надворешните фактори и внатрешните способности на организацијата. За ваквите анализи најчесто се користи алатката SWOT анализа (анг. Strеngths, Weaknesess, Opportunities, Threats).
Врз основа на SWOT анализата, организацијата треба да одлучи за типот на стратегија што ќе ја користи. Според Портер, постојат 4 генерички типови на стратегија: (1) лидерство со ниски-трошоци, (2) диференцијација преку производ/услуга, (3) релации со купувачи, и (4) мрежен ефект. Голема е веројатноста еден од овие типови или варијација од нив, да биде погодна за организацијата за да опслужи некој пазарен сегмент профитабилно.
Времетраење на стратегија
Битно е да се напомене дека ниедна стратегија, колку и да е добра, не може да опстои вечно и да дава вечно добри резултати затоа што средините се менуваат, условите за работа се менуваат, луѓето се менуваат. Затоа е потребно стратегиите да се изменуваат, прилагодуваат или да се креираат нови.
Обично стратегии се прават за временски период од 3 до 5 години и тоа највеќе зависи од индустријата и пазарите во кои делуваат организациите. Типично кај ИТ компаниите овој период е помал и трае од 1 до 3 години, а кај металопреработувачката индустрија стратегиите се прават и за периоди од 10на години. Во политиката, стратегиите најчесто се прават и менуваат за период од 2 до 4 години.
ЕРП - предуслов за креирање и изведување на стратегија
Квалитетни анализи и корисни одлуки за креирање и изведување на победнички стратегии е речиси невозможно без пристап и користење на квалитетни податоци.
Податоците за надворешните фактори организацијата ги прибира од статистичките извештаи за земја или одреден пазар, од стопанските комори и други деловни здруженија како и од програмите на владата и локалната самоуправа.
Податоците за внатрешната анализа се земаат од самиот информатички систем во организацијата. Бидејќи работат со централизирана база, системите ЕРП се направени за црпење на податоци од минатото работење на организацијата, а посовремените ЕРП системи прикажуваат и трендови кои се битни за предвидување на инднината.
За анализа на работењето, организациите се' почесто користат и софтвери за деловно разузнавање (анг. Business Intelligence или скратено BI) кои се вградени во ЕРП системите.
PowerBI за Dynamics NAV 2017
ЕРП системите имаат клучна улога во креирањето и изведбата на стратегијата. Тие се дел од т.н. овозможувачи на стратегијата (анг. strategy enablers).
ЕРП системите најмногу се користат при SWOT анализата во процесот на правењето на стратегија. Мерењето на перформансите при реализацијата на претходно поставената стратегија е незамислива без користење на современи ERP системи. ЕРП системите поседуваат можности за буџетирање на трошоците, приходите, продажбите и набавките кои се споредуваат со актуелните учиноци на организацијата, тимовите и индивидуалците. Тие се основата и за BI апликациите како и за специјализираните софтвери за менаџмент на стратегиите.
Dynamics NAV 2017 како стратешки овозможувач
Повеќе за темата има на следниоте линкови: